АМСМ услуги - помош на пат

Новости


Од 20.12.20 влез во Србија со ПЦР тест

16.12.2020 10:41:26


Според новото Упатство на Владата на Република Србија од 15.12.2020 година, за странските државјани кои во Република Србија доаѓаат од СИТЕ ДРЖАВИ ВО СВЕТОТ, влезот во Република Србија се дозволува доколку поседуваат негативен PCR тест не постар од 48 часа (од датумот на негово издавање), и кој е издаден од референтните национални лаборатории на земјите од кои странските државјани доаѓаат, односно влегуваат во Република Србија.

Во продолжение ги издвојуваме информациите од Упатството кои би биле од интерес за македонските државјани.

Имено, условите за влез во Република Србија наведени во Упатството не се применуваат на странските државјани кои:

1. Се во ТРАНЗИТ низ Република Србија. Транзитот за странските државјани се ограничува на период не подолг од 12 часа од моментот на влез на територијата на Република Србија;

2. Се акредитирани членови на странските ДКП-а и канцеларии на меѓународните организации, како и членовите на нивните семејства, а кои се носители на посебни лични карти, односно идентификациони документи издадени од Министерството за надворешни работи на Република Србија и Генералниот секретаријат на Владата на Република Србија;

3. Се деца до 12 години старост, доколку родителот, старателот или друго лице во чија придружба е детето поседува негативен PCR тест не постар од 48 часа;

4. Имаат одобрен привремен престој или постојано престојувалиште/живеалиште во Република Србија;

5. Условот за поседување негативен PCR тест не постар од 48 часа за ВЛЕЗ во Република Србија не се применува на државјаните од соседните држави кои се жители на пограничните подрачја со Република Србија, а кои се вработени на територијата на Република Србија и на кои работодавачите од Република Србија им издале документ за работно ангажирање, под услов на реципроцитет.

Во согласност со соопштението на Владата на Република Србија (во прилог) овие мерки ќе почнат да се применуваат од 20 декември 2020 година.

Пренесено од : https://www.mfa.gov.mk/mk/page/1706/covid-19